СПАЈДЕРМЕН ТОМ ХОЛАНД ЌЕ ГО ИГРА ЛЕГЕНДАРНИОТ АКТЕР И ТАНЧАР ФРЕД АСТЕР ВО БИОГРАФСКИ ФИЛМ

Лос Анџелес, (Вараети)

Британскиот актер Том Холанд изјави дека ќе ја глуми актерската легенда Фред Астер во нов биографски филм. Признат како еден од најдобрите танчари, Астер оствари филмска и театарска кариера долга седум децении, а особено се прослави со мјузиклите со Џинџер Роџерс.

„Ќе го играм Фред Астер. Сценариото пристигна пред една недела, но сѐ уште не сум го прочитал“, изјави Холанд.

Дваесет и петгодишниот Холанд е најпознат по улогата на Спајдермен во низа филмови на „Марвел“, од кои најновиот „No Way Home“ ќе излезе во кината на 15 декември. Сепак, мјузиклите не се непознат свет за Холанд, кој ја играше насловната улога во театарската претстава „Били Елиот“ од 2008 до 2010.