ГИБРАЛТАР И ОФИЦИЈАЛНО СТАНА ГРАД

Лондон, (Би-Би-Си)

Гибралтар и официјално може да се нарекува град, 180 години откако британската кралица Викторија му го одобри ваквиот статус.

Оваа британска прекуморска територија поднесе барање да стане град во рамките на одбележувањето на платинестиот јубилеј на Елизабета Втора. Но, кога истражувачите провериле во британскиот национален архив, откриле дека Гибралтар веќе бил признат за град во 1842 година. Нејасно е како Гибралтар оттогаш бил испуштен од официјалните листи на градови.

Гибралтар е дел од Велика Британија од 1713 година, согласно мировниот договор потпишан по Војната за шпанското наследство.

Не постојат строги правила според кои едно место може да се смета за град, што најчесто се поврзува со постоењето на катедрала, универзитет или големо население. Гибралтар денес има помалку од 30.000 жители.