ХОЛАНДСКО СЕЛО СО 60 ЖИТЕЛИ ГОДИШНО ГО ПОСЕТУВААТ 600.000 ТУРИСТИ

Ротердам, (Гардијан)

Шеесетте жители на холандското село Киндердајк одамна се навикнати на огромен број туристи кои доаѓаат да ги видат ветерниците од 18. век, што се под заштита на УНЕСКО.

Тие сега го кренаа својот глас против најавениот нов економски план за селото, кој предвидува зголемување на сегашниот број од 600.000 туристи годишно на 850.000, како и изградба на второ пристаниште за туристичките бродови.

Петра Хук, десетта генерација на своето семејство која живее во селото, вели дека туристите покажуваат малку почит кон жителите од 19-те ветерници на Киндердајк, што се наоѓа источно од Ротердам.

„Мојата фамилија живее овдека од 1747 година. Туристите без проблем ни влегуваат во дворот и ни велат да се поместиме за да можат да ја сликаат ветерницата. Едно утро начекавме јапонски туристи како ни јадат на масата“, луто вели Хук.

Во 2010 година бил донесен план за ограничување на бројот на туристи на 400.000, што сега треба двојно да се зголеми.

„До неодамна, во селото имаше еден музеј, сега се два, а планираат да отворат и трет. Наскоро, сите ќе треба да си одиме, зашто сите ветерници ќе станат музеи“, се пожали Петер Паул Клапвајк.

Фондацијата која се грижи за местото во изминатите години собрала приход од 4,3 милиони фунти.