ФОЛК ПЕЈАЧИ И „ТАНЕЦ“ НА КОНЦЕРТОТ ВО ЧЕСТ НА 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БАДЕВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На Есенските музички свечености, вечерва од 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ) ќе се одржи концерт во чест на еден век од раѓањето на доајенот на македонската народна песна Никола Бадев и неговите 70 години во етерот.

На концертот ќе настапат Гоце Цоневски, Круме Спасовски, Ванчо Тарабунов, Душко Георгиевски, Зуица Лазовска, Наум Петрески, Виолета Томовска, Александар Тарабунов, Сузана Спасовска, Благоја Грујовски, Добрила Ивановска-Чабриќ, Бубо Каров, трио „Гранде“, Елена Андоновска и Мишко Крстевски.

Оркестарот на ансамблот „Танец“ ќе настапи под раководство на Милан Завков, а Изворниот оркестар на „Танец“ под раководство на Бајса Арифовска.

„Никола Бадев првиот настап го имал на Радио Скопје во 1948 година, што претставува почеток на една блескава кариера на естраден уметник и афирматор на македонската песна. Бадев беше и остана исклучителна појава кај нас, интерпретатор кој ја прослави македонската народна песна“, велат од Дирекцијата за уметност и култура на Скопје.