Хрватскиот полуостров Истра во изминативе 15 години стана еден од најдобрите производители на маслиново масло на светот, велат експертите, освојувајќи и голем број награди.
Шеста година по ред, Истра ја доби наградата за регион со најдобро екстра девствено маслиново масло на светот, што ја доделува водичот „Flos Olei“.
„Пред 15 години, во Истра речиси и да немаше произведувачи на маслиново масло во шишиња и немаше експерти кои би можеле да го оценат квалитетот. Истра сега стана област каде што гостите доаѓаат токму поради квалитетот на маслиновото масло и гастрономијата“, вели Денис Ивошевиќ од Туристичкото здружение на Истра.
Околу 70 мали производители од Истра се опфатени со водичот „Flos Olei“.
Мануел Грубиќ, сопственик на фирма за маслиново масло во Бале, вели дека квалитетот на маслото доаѓа токму оттаму што има повеќе мали семејни компани.
„Маслинките се собираат рачно и веднаш се преработуваат, но количините се генерално мали“, вели Грубиќ, додавајќи дека поради тоа просечната цена на литар квалитетно истарско маслиново масло е околу 80 евра.