Железничката станица Јунгфраујох се наоѓа на надморска височина од речиси 3.500 метри и нејзината изградба била пионерско техничко постигнување. Денес, таа е највисоката железничка станица во Европа.
Во август 1893, швајцарскиот индустријалец Адолф Гујер-Целер донесол храбра одлука: сакал да изгради железница што ќе води до врвот на 4.158 метри високиот Јунгфрау, од каде што дотогаш можеле да се спуштат само искусни планинари.
Биле потребни 16 години за да се комплетира линијата, но сонот на Гујер-Целер, сепак, не се остварил: таа не оди до самиот врв, туку највисоката точка е на 3.454 метри. И покрај тоа, таа и натаму се смета за инженерско ремек-дело.
Повеќе од половина од деветкилометарската траса поминува низ тунел, што рачно се копал. Првиот воз се искачил на Јунгфраујох на 1 август 1912.
Патувањето од Клајне Шајдег до Јунгфраујох трае околу половина час, при што возот искачува висинска разлика од 1.400 метри. За да се аклиматизираат патниците на планинскиот воздух, има кратко застанување на станицата Ајзмер.
Терминалот на станицата е во тунелот, а откако ќе се излезе од него и ќе се застане на платформа за набљудување, се отвора поглед на импресивна алпска панорама. Кога времето е убаво, оттаму можат да се видат дури 200 алпски врвови.