ЛАС ВЕГАС ЖИВЕЕ ОД ТУРИЗМОТ, А СЕГА Е ТИВОК И ПРАЗЕН КАКО ДА ДОШОЛ КРАЈОТ НА СВЕТОТ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Лас Вегас, (Гардијан)

Некои од најголемите хотели, казина и ресорти на светот се наоѓаат на Стрип, но овој 6,8 километри долг дел од главниот булевар во Лас Вегас денес е празен и тивок како да дошол крајот на светот.

Поголемиот дел од бизнисите на Вегас Стрип и на улицата Фримонт не работат од средина на март, кога гувернерот на Невада, Стив Сисолак, нареди затворање на сите несуштински активности поради коронавирусот. Ова се случува за првпат од атентатот на Џон Кенеди во 1963 година.

Се очекува ефектите врз локалната и државната економија, која во голем дел зависи од туризмот, да бидат катастрофални. Лас Вегас лани имал 42,5 милиони посетители и само од досега откажаните конвенции и деловни состаноци изгубил две милијарди долари. Се проценува дека вкупната загуба за локалната економија ќе биде 39 милијарди долари.

„Ниедна друга американска сојузна држава не зависи толку од патувањата и туризмот како Невада“, велат од Асоцијацијата на ресорти на Невада.