„Лебдечки скали“ се нова атракција во туристичката понуда на Норвешка, на кои изгледа како луѓето да лебдат во воздухот. Скалата наречена „Стигул“ е долга 40 метри и виси 790 метри над фјордот во малото село Лоен на северозападот на земјата.
„Можеби на повеќето луѓе малку ќе им треперат нозете. Гледано од блискиот висечки мост во Лоен, изгледа како луѓето да лебдат во воздухот“, рече Пер Хелге Бо, извршниот директор на компанијата „Лоен актив“.
Скалата од 120 скалила е најновото дополнување на адреналинската сцена на Лоен. Под агол од 45 степени, таа е достапна само за алпинистите кои веќе делумно се искачиле кон врвот на планината Лоен’с Ховен.
„Ова значи дека дури и кога ќе почнете да се качувате по скалата, веќе ќе бидете прилично високо“, вели Бо.
(Фото: Лоен актив)