ГРЦИЈА НАЈАВИ ДЕКА ПРВА ЌЕ СЕ ОТВОРИ ЗА СТРАНСКИТЕ ТУРИСТИ

Брисел, (Си-Ен-Ен)

Европската Унија вчера им порача на своите жители дека ќе имаат летен одмор оваа година, претставувајќи план за постепено отворање на внатрешните граници.

Европа опфаќа 50% од глобалниот туристички пазар во поглед на доаѓањата, но овој сектор беше тешко погоден од рестриктивните мерки воведени поради коронавирусот. Сега кога стапката на зараза е во пад, некои држави веќе имаат конкретен датум кога ќе почнат да примаат странски туристи, додека други не се така оптимистични.

ФРАНЦИЈА

Оние кои сакаат да патуваат во Франција, ќе мора да почекаат малку подолго. Најмалку до 24 јули, патниците кои доаѓаат надвор од ЕУ прво ќе одат во задолжителен 14-дневен карантин. Се очекува хотелите да добијат дозвола за работа во наредните недели, но тие не очекуваат голема бројка меѓународни туристи во следните месеци, ако воопшто ги има.

ГРЦИЈА

Грција би можела да биде прва европска дестинација која ќе се отвори за странските туристи. Премиерот Мицотакис изјави дека првите гости се очекуваат уште од 1 јуни.

„Ова лето ќе биде поразлично. Баровите можеби нема да работат, нема да има гужви, но сепак ќе можете да имате фантастично искуство во Грција“, кажа тој.

Хотелите во градовите ќе се отворат на 1 јуни, а еден месец подоцна и сезонските хотели.

ШПАНИЈА

Иако беше во еден од најстрогите карантини во Европа, Шпанија планира да ги отвори плажите во јуни, како и хотелите во некои региони. Сепак, властите не веруваат дека ограничувањата за патување ќе бидат укинати за странците до крајот на летото.

„Засега не можеме да кажеме кога повторно ќе ги отвориме границите и како ќе уживате во плажите“, вели шпанскиот министер за туризам Рејес Марото.

ИТАЛИЈА

Владата очекува границите повторно да бидат отворени за туристите до почетокот на летото. Италија во фази излегува од карантинот и отворањето на угостителските објекти следува во јуни.

ХРВАТСКА

Хрватска рано ги затвори границите и сегашните ограничувања за странските државјани веројатно ќе останат на сила до 15 јуни. Властите работат на воведување „зелен коридор“ со Чешка, чии жители во голем број летуваат во Хрватска.