МАДРИД Е МАЛ РАЈ ЗА ТУРИСТИ ДОДЕКА НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД ЕВРОПА Е ПОД СТРОГИ РЕСТРИКЦИИ

Мадрид, (АФП)

Со отворените барови и ресторани и со полицискиот час што почнува во 23 часот, Мадрид стана мал рај за Европејците желни за излегување во реалност, додека поголемиот дел од континентот е оптоварен со строги ковид рестрикции.

„Од Франција дојдовме во Мадрид и тотално е нереално што можеме да пиеме пиво во кафуле додека нашата земја е затворена“, вели еден 22-годишен студент.

Од завршувањето на првиот национален карантин во јуни 2020, Мадрид главно остана отворен за странските туристи, кои доаѓаат во голем број за да уживаат во чувството на нормалност во тамошните музеи, барови, ресторани и театри. Единствено што се бара од нив е да приложат доказ за негативен ПЦР тест. Меѓу нив најмногу има германски, италијански, португалски и француски државјани.

„Луѓето погрешно мислат дека не може да се патува. Мислам дека ќе дојдам уште неколку викенди, зашто ми е потребно тоа. Ни недостига да имаме живот“, вели 24-годишната Французинка Мелани Бен.

Ова го овозможи десничарскиот градоначалник Хосе Луис Мартинес-Алмеида, кој ги поддржа потезите на регионалните власти за отворање на економијата по секоја цена. Тој ги брани странските туристи, за разлика од локалните жители.

„Тие не доаѓаат да пијат, туку да уживаат во театрите, музеите и културата на градот“, кажа Мартинес-Алмеида.