Речиси четири месеци „Мона Лиза“ беше сама, откако коронавирусот ја испразни нејзината соба во музејот Лувр од вообичаената маса обожаватели.

Најпознатиот портрет на светот повторно ќе се најде во центарот на вниманието кога Лувр повторно ќе се отвори на 6 јули, но враќањето на посетителите можеби нема да оди така лесно.

Пред пандемијата да го прекине масовниот туризам, Лувр привлекуваше меѓу 30.000 и 50.000 посетители дневно во прометната летна сезона. Директорот Жан-Лик Мартинес очекува оваа бројка да биде далеку помала кога музејот повторно ќе ги отвори своите врати.

„Ако имаме 10.000 посетители на ден, јас ќе бидам многу изненаден“, вели Мартинес.

Со други зборови, за оние кои можат да си дозволат патување во Париз ова ќе биде златна можност да уживаат во огромните галерии на Лувр без гужви и дури да се видат лице во лице со самата Мона Лиза. Во прв момент ќе бидат отворени 70% од музејот, односно 45.000 квадратни метри простор, што е рамно на 230 тениски терени. Тоа се околу 30.000 уметнички дела и доволно за шетање додека не ве заболат нозете.

„Дваесет години работам во музејот и никогаш не сум го видела празен. Тоа беше магичен момент, момент запрен во времето. Не видовме никакви духови“, вели Лејла Шериф-Адрија.

Поради затворањето, музејот остварил загуби од 40 милиони евра од непродадени карти и сувенири.