ПО 30 ГОДИНИ, 239 ИГРАЧИ, 9 ТРЕНЕРИ И ПОТРОШЕНИ 1,47 МИЛИЈАРДИ ФУНТИ, ЛИВЕРПУЛ ЈА ДОЧЕКА 19. ТИТУЛА

Ливерпул, (Би-Би-Си)

На 1 мај 1990, Ливерпул ја имаше последната парада на шампионскиот трофеј на преполниот стадион „Енфилд“. Оттогаш поминаа повеќе од 30 години, а славниот англиски клуб никако не успеваше да стигне до врвот. Промената започна со доведувањето на Јирген Клоп за тренер во есен 2015, кој постепено составуваше екипа по свој вкус и во комбинација со неговата работна етика, постот конечно заврши синоќа.

„Од прв ден кога дојде на нашата врата почувствував дека сѐ се промени. Го следевме и верувавме во него. Ова беше неверојатно патување, но се надевам на уште“, изјави капитенот Џордан Хендерсон.

Во периодот од 18. до 19. титула, Ливерпул одигра 1.149 натпревари, односно 103.410 минути и доби 595 од нив (52%), постигна 1.968 голови и освои 2.075 поени.

Јирген Клоп донесе голема промена во клубот (Фото: ПА)

Од почетокот на сезоната 1990/91, 239 играчи го носеа црвениот дрес во лигата и најмногу мечеви од нив одигра Џејми Карагер – 508. Од сегашниот кадар, во топ 10 е само Хендерсон со 266 настапи. Роби Фаулер е најдобриот стрелец со 128 лигашки голови.

Во меѓувреме се сменија и деветмина постојани тренери, но дури со Клоп дојде соодветниот наследник на Кени Далглиш, со кој клубот ги освои последните три титули пред да настапи сушата.

Од првиот (Рони Розентал) до последниот трансфер (Такуми Минамино), клубот потрошил 1,47 милијарди фунти на засилувања. Сепак, некои од најважните играчи дојдоа бесплатно, од сопствената академија (Карагер, Џерард, Фаулер, Овен, Александер-Арнолд).

Ливерпул сега има една титула помалку од рекордерот Манчестер јунајтед, а шест повеќе од третопласираниот Арсенал.