НА КАФЕ И ЗАХЕР ТОРТА НА ГРАДСКИТЕ ГРОБИШТА ВО ВИЕНА

Виена, (ДПА)

Чоколадна захер торта, штрудла со јаболка и други колачи се дел од виенскиот начин на живот, а сега тие станаа дел и од градскиот начин на одбележување на смртта.

Градските гробишта во Виена отворија кафе-ресторан за оние кои доаѓаат да делат оброк откако ќе го погребаат блискиот и за сите други кои ги посетуваат едни од најголемите гробишта во Европа.

„Новото кафуле им стои на услуга и на туристите кои ги посетуваат гробовите на познатите композитори, како Лудвиг ван Бетовен, Франц Шуберт, Арнолд Шенберг и Јохан Штраус. На вториот ден по отворањето, 80 отсто од гостите беа туристи“, вели извршната директорка на компанијата „Оберла“, Кристин Грос.

„Нашата намера е гробиштата да се видат во поинакво светло. Не е само смртта, туку со ова покажуваме дека тука постои и живот”, рече Ренате Никлас, која раководи со гробиштата во Виена.

Никлас додаде дека градските гробишта не се само место за оплакување и сеќавање, туку и огромен парк, каде што локалните жители доаѓаат за прошетки и рекреирање, а, можеби, и да изедат парче торта потоа.