Големиот син пенис насликан на една станбена зграда во Стокхолм ќе биде прекриен по само една недела, објави компанијата која е сопственик на објектот.

„Атриум Јангберг“ кажа дека донесле ваква одлука откако добиле голем број поплаки за муралот на петкатницата.

„Се разбира дека поддржуваме уметничка слобода, но во исто време, мора да го почитуваме мислењето на најблиските соседи. Со тоа што го оставивме муралот одреден период им овозможивме на сите кои беа заинтересирани да го видат делото“, изјави шефицата на маркетингот на компанијата, Камила Клинт.

Компанијата кажа дека не ѝ било најавено дека голем пенис ќе се појави на една од нејзините згради.

„Во средата наутро, на 11 април, за првпат го видовме новото дело на ‘Колективет ливет‘, значи во исто време кога го видоа и жителите на зградата“.

Ова е втор ваков мурал на уметницата Каролина Фалкхолт што не опстана долго време. Пенисот што го наслика во Менхетн во декември можеше да се види само еден ден.

„Очекував моите Швеѓани да бидат поотворени“, се пожали таа.