Со волшебните бои на лалиња, како виолетова, жолта и црвена, цветната градина Кукенхоф во градот Лисе вообичаено им е конкуренција на најпознатите музеи во Амстердам, како една од најпопуларните туристички дестинации во Холандија.

Но, годинава, како и лани, милиони лалиња во паркот и на околните полиња ќе останат невидени, со оглед на тоа дека градината и понатаму останува затворена за посетители поради ковид пандемијата.

„Кукенхоф е отворен само осум недели годишно, од крајот на март до средина на мај“, вели директорот Барт Симеринк.

Тој додава дека со оглед на актуелните коронамерки, паркот веројатно ќе се отвори во средина на мај, а тогаш веќе нема да има лалиња и нема да дојдат посетители.

Пред коронакризата, Кукенхоф годишно привлекуваше околу 1,5 милиони посетители, најчесто од странски земји.