НАЈПОЗНАТИОТ ЈАПОНСКИ ПАРК НА ЦВЕЌИЊА Е ВО ПОЛН ЦУТ, НО ОВАА ПРОЛЕТ Е БЕЗ ПОСЕТИТЕЛИ

Токио, (Инсајдер)

Кога се зборува за цвеќиња и Јапонија, многумина прво помислуваат на црешите. Но, само два часа северно од Токио лежи неверојатна глетка: море од 5,3 милиони цвеќиња, толку сини што речиси се претопуваат во небото.

Природата се покажува во својот најубав облик во паркот Хитачи во Хитачинака и тој вообичаено е полн со туристи во овој дел од годината, но сега нема никој, зашто неговите врати се затворени уште од 4 април поради коронавирусот.

Синиот тепих на паркот се должи на немофили или „бебешки сини очи“, цвет кој не ни потекнува од Јапонија, туку од Северна Америка. Овој цвет расте само 2,5 сантиметри во дијаметар и 20 сантиметри во височина и во паркот покрива површина од три и пол хектари.

Паркот има вкупна површина од 190 хектари и во својот состав има и посебни градини за лалиња и нарциси.