Група научници тврди дека покрај брегот на Гренланд го открила најсеверниот остров на светот.

Ова се случило кога тие заминале да собираат примероци од она што верувале дека е островот Кудак, за кој се знае од 1978 година. Но, кога ја провериле својата позиција во данската служба за регистрирање арктички острови, сфатиле дека се наоѓаат 800 метри посеверно.

„Островот со големина 60х30 метри е најблиското парче копно до Северен Пол“, велат научниците.

Гренланд е огромна автономна арктичка територија која ѝ припаѓа на Данска.

„Островот е откриен за време на данско-швајцарска истражувачка експедиција. Целта беше да се посети Кудак, кој досега се сметаше за најсеверниот остров на светот. Кога стигнавме на позицијата на Кудак, не можевме да го најдеме. Мапите не се многу точни во тој дел од светот. По неколку минути потрага, слетавме на чуден куп од кал, морена и чакал без вегетација, окружен со мраз од сите страни. Тоа не е многу пријателско место“, изјави еден од координаторите на експедицијата, Мортен Раш од Универзитетот во Копенхаген.

Тој вели дека планираат да го именуваат островот Кекертак Аванарлег, што на гренландски значи „најсеверен остров“.