Десетици илјади луѓе се стрчаа низ влезот на Октоберфест за да фатат место во еден од огромните фестивалски шатори кога тој беше отворен во саботата. Еден час по официјалното отворање, некои шатори мораа да ги затворат своите врати поради преголем број посетители.
Октоберфест во Минхен е најголемиот фестивал на пивото на светот и ланското издание имало 6,3 милиони посетители, 14% повеќе во споредба со 2017.
Како што е традиција, градоначалникот Дитер Рајтер го отвори првото буре и првата кригла му ја подаде на премиерот на Баварија, Маркус Зедер и двајцата се напија во име на мирен фестивал.
Иако привлекува милиони туристи од цел свет, пивото на Октоберфест не е евтино и еден литар чини до 11,80 евра, што е за 30 центи поскапо од лани.
Со традиција од 1810 година, Октоберфест последниве 115 години се отвора во септември, а причината за тоа е лошото време во Баварија, каде не е чудно да падне снег во октомври.
На Октоберфест постојат некои строги правила, па така не смеете да носите своја храна, ниту да танцувате на маса во шаторите. Кога се пие, криглата треба да се држи за дршката, што значи дека се потребни силни зглобови, а ако одлучите да си понесете дома една кригла, тоа се смета за грабеж и се казнува.