ПЛАЖА НА САРДИНИЈА ДОЗВОЛИ ДА СЕ ПРАВАТ НУДИСТИЧКИ ВЕНЧАВКИ

Рим, (Си-Ен-Ен)

Плажа на Сардинија наскоро ќе стане туристичка дестинација која ќе нуди и склучување брак на нудистичка плажа.

Плажата Бенас, која се наоѓа на половина пат до западниот брег на Сардинија, ќе нуди „природни“ свадби откако локалните власти одлучија да им дозволат на паровите да ги кажат своите завети таму.

Луиџи Тедески, градоначалникот на најблискиот град Сан Веро Милис, рече дека властите ја добиле идејата кога една германска двојка ги прашала дали е можно да се венчаат на плажа која веќе две години ја користат нудисти. Плажата е мешана, вели тој, доаѓаат и нудисти и облечени во костими за капење.

„Јас само го официјализирав правото на слобода. Мислам дека живееме во чувствителен момент за слободата на луѓето. Треба да правиме вакви работи за да покажеме дека луѓето се слободни. Повеќето луѓе сакаат слобода, а не режим“, рече тој.

Тедески вели дека голотијата нема никаква врска со сексот.

„Треба да се почитува чувството на луѓето да бидат едно со природата. Ја имаме оваа плажа, чиста природа. И тогаш помисливме, ајде да направиме плажа за свадби. Ако луѓето сакаат да се венчаат голи, можат“, вели градоначалникот.

(Фото: Алами)