САУТ ЏОРЏИЈА – ЗАФРЛЕН БРИТАНСКИ ОСТРОВ БЛИСКУ ДО АНТАРКТИК СО НЕВЕРОЈАТНО РАЗНОВИДЕН ЖИВ СВЕТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Сместен во Јужниот Атлантски Океан меѓу Аргентина и Велика Британија, ледените врвови и тундрата на Саут Џорџија создаваат драматичен пејзаж.

Иако технички е британска прекуморска територија, и Аргентина полага право на него, но толку е зафрлен што малкумина Британци имаат слушнато за Саут Џорџија. Тој нема аеродром и до него се стигнува само со брод од Тиера дел Фуего или од Фолкландските Острови, при што се патува два дена преку едно од најгрубите мориња на светот.

Саут Џорџија има огромна колонија на пингвини

Но, зафрлената локација се покажа благослов за островот, бидејќи далеку од луѓето, природата и дивиот свет цутат. Саут Џорџија има толку неверојатен биодиверзитет, што често се нарекува „Галапагос на половите“.

Сепак, Саут Џорџија не била секогаш оаза на жив свет. До 1960-ите, тука масовно се ловеле китови, фоки и пингвини заради масло, крзно и месо, при што биле убиени стотици илјади животни.

Лоцирана 1.000 километри источно од Фолкландските Острови, Саут Џорџија е долга 160 километри. Три четвртини од островот се покриени со постојани лед и снег и често е изложен на жестоките океански ветрови.

Зафрлената локација се покажа благослов за островот, бидејќи природата и дивиот свет цутат

Саут Џорџија нема постојани жители. Околу 30 луѓе привремено престојуваат: научници од локалната истражувачка база и летен персонал кој одржува музеј и центар за посетители за оние малкумина кои ќе се решат да дојдат. Тие доаѓаат со мали крузери или јахти, но престојот на островот е ограничен на само неколку часови. Сето ова ја прави Саут Џорџија една од најмалку посетените туристички дестинации на светот, со околу 10.000 посетители годишно.

Изненадувачки, овој негостољубив леден остров има исклучителен биодиверзитет. Во 2011 година, научниците заклучиле дека островот и околината се дом на речиси 1.500 различни животински видови, од ситни црви до огромни китови. Едно годинашно истражување покажа дека тука живеат 55 сини китови, кои важат за критично загрозени.