Германскиот фотограф и филмаџија Штефан Кристман поминал две зими меѓу 10.000 царски пингвини во колонија во заливот Атка на Антарктик. Во својата нова книга „Пингвин: Приказна за преживувањето“, тој споделува некои од своите омилени фотографии од ледениот континент.

Неговата прва зима на Антарктик била во 2012 година, кога работел како геофизичар во германскиот институт „Алфред Вегенер“, при што речиси непрекинато останал 15 месеци во станица во близина на заливот Атка, каде што секоја година се собираат 10.000 царски пингвини.

„Тајното оружје на пингвините против студот и нивната ултимативна стратегија за преживување е гушкањето. Тоа функционира како голем инкубатор. Тие стојат блиску еден до друг, со главите стуткани меѓу рамениците на птиците што се пред нив. Делејќи ја телесната топлина, температурата во центарот на гушкањето може да достигне до 37 Целзиусови степени“, вели Кристман.

Тој се вратил на Антарктик во 2016 година со екипа на Би-Би-Си, работејќи како асистент камерман и официјален фотограф на снимањето на серијата „Династии“. Звукот што го прават 10.000 пингвини го опишува како нешто неверојатно.

„Тие имаат многу карактеристичен повик налик на труба. Многумина би го опишале звукот како грд или какофонија, но тоа е повик на животот на крајот на светот и затоа за мене е величествена симфонија. Секој повик има индивидуална мелодија и ритам, што е суштински за идентификување на поединците. Царските пингвини можат да се пронајдат еден со друг среде тие илјадници слични, а сепак уникатни звуци“.

(Фото: Ш. Кристман)