СЕ ЗАТВОРА ПРВИОТ НУДИСТИЧКИ РЕСТОРАН ВО ПАРИЗ ОТИ НЕМА ДОВОЛНО МУШТЕРИИ

Париз, (Дејли мејл)

Првиот нудистички ресторан во Париз ќе престане со работа наредниот месец, само 15 месеци откако беше отворен.

Иако француската престолнина важи за една од водечките нудистички дестинации на светот, ресторанот „О‘Натурел“ не успеал да привлече доволно муштерии, па неговите газди, близнаците Мајк и Стефан Сада, објавија на Фејсбук дека 16 февруари ќе им биде последниот работен ден.

За разлика од нудистичките плажи во Париз кои се отворени само во топлите месеци, концептот на „О‘Натурел“ беше да понуди „задоволство да јадете голи преку цела година во градот кој ги почитува природните вредности“.

Муштериите се соблекуваат голи по влегувањето во ресторанот и притоа мора да ги остават своите мобилни телефони, бидејќи снимањето внатре е строго забрането. На менито е само француската кујна, но ресторанот, сепак, не е целосно нудистички, бидејќи храната ја служи облечен персонал.