ШВАЈЦАРСКИ УМЕТНИЦИ НУДАТ НОЌЕВАЊЕ ВО „ХОТЕЛСКА СОБА“ НА ОТВОРЕНО

Цирих, (Ројтерс)

Двајца концептуални уметници од Швајцарија за летово нудат седум „хотелски соби“ на отворено во вид на простор за перформанс, на земјиште меѓу источна Швајцарија и Лихтенштајн. Гостите ќе бидат дел од перформансот, но без публика, со тоа што ќе ја поминат ноќта во брачен кревет со прекрасен поглед на планинскиот пејзаж.

Локален земјоделец ќе биде модерен батлер, а и тој е вклучен во цената на ноќевањето од 300 долари (295 швајцарски франци). Во случај на дожд, гостите можат да се префрлат во некој од локалните објекти.

Проектот „Недвижност за нула“ е дело на близнаците Франк и Патрик Риклин и нивната цел е да го свртат вниманието на традиционалните начини на гостопримливост, во земјата која е позната по луксузни планински ресорти.

„Идејата на ‘Недвижност за нула’ е што правиме другите луѓе да се изведувачи. Тие го изведуваат концептот на недвижност без хотелски соби. Пандемијата на коронавирусот може да го направи овој концепт уште поатрактивен“, изјави Франк Риклин.

„Соба без ѕидови и покрив дава еден вид на ослободување“, додаде неговиот брат Патрик.