СКИ ЦЕНТРИТЕ НИЗ ЕВРОПА СЕ ОТВОРААТ ЗА ГОСТИ СО КОВИД СЕРТИФИКАТИ

Берлин, (ДПА)

Зимувањата беа забранети во голем дел од Европа минатата година, па повеќето скијачки центри беа целосно затворени или не примаа странски гости. Благодарение на широката примена на вакцини, работите изгледаат многу поинаку оваа зима.

Швајцарија

За разлика од своите соседи, малата алпска нација веќе дозволи да доаѓаат странски туристи, со почитување на социјална дистанца и со заштитни маски во ски-лифтовите.

Фото: АФП

Додека бројот на хотелските гости беше намален за околу 25% во споредба со 2019/2020, резервациите за станови се зголемија за 3%. Оваа сезона, на скијачите ќе им биде потребно да покажат сертификат за вакцина, документ за прележан ковид-19 или негативен ПЦР тест.

Австрија

Австрија повторно ги отвора своите падини за странски туристи оваа сезона. Од скијачите ќе се бара доказ дека се вакцинирани, тестирани или оздравени од вирусот и да носат заштитна маска при возењето со гондола. Ако се зголеми бројот на пациенти со ковид-19 на интензивна нега, самите тестови веќе нема да бидат доволно. Иако скијачките патеки беа отворени минатата сезона, австрискиот туристички сектор ја забележа една од најлошите години во својата историја, бидејќи хотелите беа затворени за странски гости.

Италија

Според министерот за туризам Масимо Гаравала, конечно се создадени условите за почнување на зимската сезона на 27 ноември. И Италија лани забележа голем пад од вообичаените 10 милиони ноќевања, но работите изгледаат добро за сезоната 2021/22.

Франција

Плановите за претстојната зимска сезона во Франција сѐ уште се малку нејасни. Според сегашните правила, од гостите ќе се бара да покажат доказ за вакцинација или за прележан ковид или негативен тест. Сѐ уште не е јасно дали ова ќе важи и за ски-лифтовите.

Чешка

Во споредба со алпските соседи, скијачките центри во Чешка се малку поскромни, но сепак многу популарни, особено помеѓу љубителите на зимските спортови од Германија. Сезоната обично започнува во средината на декември и трае до март. Оваа година, хигиенските мерки на ски-лифтовите ќе бидат зголемени. Патниците кои не се вакцинирани против ковид ќе мора да одат во карантитн откако ќе влезат во државата.

Германија

Ски центар на баварските Алпи

По целосното откажување на последната зимска сезона, многу оператори очекуваат големи гужви на баварските Алпи. Скијачите веќе испратиле безброј барања за сезонски билети за највисокиот германски скијачки центар Цугшпице. Во Баварија ќе може да се скија со вакцина, доказ за прележан ковид-19 или со негативен тест.