ВЕРХОЈАНСК – ЖИВОТ НА -60 СТЕПЕНИ

Москва, (Би-Би-Си)

Како е да се живее на температура од минус 60 Целзиусови степени?

Фотографот Брајс Портолано отпатува на крајниот исток на Русија за да го почувствува тоа.

Верхојанск се бори за титулата најстудено село на светот со Ојмјакон, но го држи Гинисовиот рекорд за место со најголема разлика во температура: од -67,8 степени во зима до +37,3 степени во лето.

Денес, во селото има само 1.131 жител, половина од популацијата што живееше тука пред 15 години. Голем број објекти стојат празни и напуштени.

На толку ниски температури, водата е голем проблем. За таа цел, блокови од мраз се сечат од реката и им се доставуваат на селаните, кои потоа ги топат во куќите. Секоја куќа чува резерви од мраз.

Секоја куќа чува резерви мраз, кој потоа се топи, за да се добие вода (Фото: Брајс Портолано)

Исто така:

  • Батериите траат само неколку минути.
  • Мастилото од пенкало се замрзнува пред да почне да се пишува.
  • Опасно е да се носат метални рамки за очила.
  • Моторите на автомобилите работат по цел ден, инаку, постои опасност да не можат да се запалат сѐ до пролет.

Авионските билети се многу скапи во регионот и чинат неколку стотици фунти, но стари авиони „Антонов“ сѐ уште се користат за поврзување на Верхојанск со 600 километри оддалечениот Јакутск, иако навигацијата е опасно отежната поради тешките климатски услови.

Верхојанск, сепак, не е толку отсечен од светот, бидејќи во селото има 3Г-антена, па тинејџерите се вклучени на социјалните мрежи.