ПЛАСТИЧНАТА ХИРУРГИЈА Е ГЕНОЦИД ЗАШТО ГО БРИШЕ ПРИРОДНИОТ ИЗГЛЕД, ВЕЛИ ЏЕЈМИ ЛИ КЕРТИС

САД, (Си-Ен-Ен)

Оскаровката Џејми Ли Кертис разбира дека поврзувањето на зборот геноцид со пластична хирургија и козметички процедури можеби нема да им се допадне на некои, но таа не се повлекува.

„Бев многу гласна за геноцидот врз генерација жени од страна на козметичкиот индустриски комплекс. Го користам тој збор долго време и го користам конкретно затоа што е силен збор. Верувам дека избришавме една или две генерации од природниот човечки изглед“, кажа актерката во неодамна објавено интервју за „Гардијан“.

Таа предизвика големо внимание пред неколку години кога позираше за насловна страница на едно списание во долна облека и без шминка за да покаже како реално изгледа. Сега 66-годишната Кертис вели дека „промената на изгледот преку хемикалии, хируршки процедури и филери е обезличување на генерации, претежно жени“. Додаде дека трендот е помогнат од вештачката интелигенција, бидејќи сега „лицето со филтер е она што луѓето го сакаат“.

„Кога ќе ставите филтер и ќе се видите пред и потоа, тешко е да не си помислите: ‘О, па тоа изгледа подобро‘. Но, што е подобро? Подоброто е лажно. И има премногу примери, нема да ги именувам, но многу од тие луѓе неодамна ме нападнаа преку медиумите“, вели Кертис.

(Фото: Гети)