ПОРТРЕТ ОД БОТИЧЕЛИ СЕ ПРОДАДЕ ЗА РЕКОРДНИ 92 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Портрет насликан од Сандро Ботичели се продаде на аукција за 92 милиони долари, со што стана негово најскапо дело досега. Се верува дека сликата „Млад маж кој држи диск“ е насликана во 1470-ите или 1480-ите и важи за еден од најдобрите портрети на Ботичели.

„Станува збор за ремек-дело. Овој Ботичели е поспектакуларен од сѐ што сме виделе на пазарот. Оваа слика ја симболизира и претставува ренесансата во Фиренца“, изјави вишиот потпретседател на аукциската куќа „Сотбис“, Кристофер Апостл.

Сликата се продаде за 80 милиони долари, но конечната цена ќе биде 92 милиони, кога ќе се додадат трошоците. Таа над 200 години била во сопственост на аристократско семејство од Велс, а на пазарот првпат се појавила во почетокот на 20. век.