РАЧНО НАПИШАНИТЕ СТИХОВИ ЗА „ХЕЈ ЏУД“ ОД „БИТЛС“ ПРОДАДЕНИ ЗА 910.000 ДОЛАРИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Лист хартија со рачно напишаните стихови за песната „Хеј Џуд“ од „Битлс“ се продаде на аукција за 910.000 долари, надминувајќи ја очекуваната вредност за повеќе од шест пати.

Пол Макартни го напишал хитот во 1968 година за да го утеши младиот Џулијан Ленон по разводот на неговите родители Џон и Синтија.

Ова парче хартија беше меѓу 250 предмети кои се најдоа на аукција одржана по повод 50 години од растурањето на групата.

„Бев доста близок со Џулијан. Еднаш додека излегував од автомобил, почнав да си пеам ‘Хеј Џулс…‘. Потоа си помислив дека Џуд ќе биде подобро име, зашто ми звучеше позападњачки“, кажа Макартни своевремено.

„Хеј Џуд“ е издадена како сингл во 1968 година и со времетраење од 7:11 минути е најдолгата песна која некогаш била на врвот на британската топ-листа.