ШТИПСКИ ПРОФЕСОРКИ И СЛИКАРКИ СО ЗАЕДНИЧКА ИЗЛОЖБА ЗА 8 МАРТ

Штип, (СМАРТ.СДКМК)

Под мотото „Жените се најголемиот, недопрен резервоар со талент во светот“ – мисла на американската политичарка Хилари Клинтон, во Библиотеката „Гоце Делчев“ Штип вечерва ќе се отвори изложба во чест на Меѓународниот ден на жените 8 Март. Во организација на Библиотеката и Заедницата на хрватите „ Либертас“ ќе се изложат 30 дела на пет штипски уметнички. Тие, досега имале повеќе самостојни и заеднички изложби во земјата и странство.

Штипјанката Нада Накова е професорка по македонски и српски јазик, но поголемиот дел од својот работен век го има поминато како новинар, дописник за теми од културата.
„Преиспитувајќи се себеси во сите сликарски техники најмногу се најдов во класичната изработка на портрети и мртва природа во масло на платно, но и техниката акварел што ја имам солидно совладано под менторство на сестра ми Љубица Накова Донска која беше една од првите и врвните акварелисти на професор Вангел Коџоман. Од портретите за изложбата се определив и за портретот на оперската певица Елена Голомоева која живее и работи во Франција“, вели Накова.

Лена Ѓуриќ почнала да твори како млада во Париз, но по 33 години се враќа во Штип и пак продолжува да твори (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Во Франција долги години живеела и творела штипјанката Лена Ѓуриќ. Таа изложува пејсажи во акварел меѓу кои и цртежот Галски петел “ што го изработила на Монмартр, а како љубител на цвеќето ќе се престави и со неколку цветни аранжмани.

Поранешната професорка по физика Голуба Хилјадникова уште како дете го изразува својот талент преку сликарските техники масло на платно и акварел. И таа преферира портрети.

„Најдов спој меѓу физиката и хемијата како мое образование и работна професија, а тука некаде се и боите. Предавав на учениците со голема љубов, но со голема желба одамна се посветив и на мојата втора љубов, па во слободното време постојано цртав. Имав инспирација и од учениците, но и од сите други кои ме опкружуваат, семејството, пријателите, природата “, вели Хилјадникова.

Филграните на економистката Бети Папарова се подарени на многу семејства во Штип (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Магистерката по економија , Елизабета Папарова својот уметнички талент со години го изразува со изработка на слики со срма во комбинација со бисери во филигран техника. Инспирација и се народно творештво и археолошките артефакти од Македонија.

Од учесниците на изложбата, најмлада е сликарката Сара Петров првиот дипломец на Ликовната академија при Универзитетот „ Гоце Делчев “ во Штип. Завршила класично сликарство во класата на руските уметници Егорови. Покрај маслото на платно и акварелите ја обожава и графиката.

Слободната уметност на младата сликарка Сара Петров, Богородица со Исус, насликани во апстракт техника (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„ По дипломирањето не добив вработување, но пред неколку месеци се досетив да го организирам ликовното студио ‘Арт Смарт’ наменето за деца од 6 до 18 години. Дваесетина млади веќе ја посетуваат оваа школа и нивните први цртежи исто така ќе бидат дел од изложбата што ќе се отвори во НУБ „ Гоце Делчев “ во Штип. Среќна сум што можам на младите да го пренесувам моето знаење, талент и искуство. Тие на сите жени присутни на изложбата ќе ги подарат своите први цртежи“ вели Сара.

Целата идеја за една ваква манифестација потекнала од нејзината мајка Долерес Кашуба Петров голем хуманист со над сто пати дарувана крв и организатор на голем број други хумани акции. Родена е во Штип, но со оглед на хрватското потекло таа стана претседател на невладината организација, Заедницата на хрватите во Штип и неуморно работи на организирање и на други културно-уметнички програми во повеќе градови меѓу Македонија и Хрватска.

Т. ЈОВАНОВСКИ