СЛАВНИОТ БАЛКОН ВО БАКИНГАМСКАТА ПАЛАТА ПРВПАТ ЌЕ БИДЕ ДОСТАПЕН ЗА ПОСЕТИТЕЛИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Посетителите на Бакингамската палата во Лондон ова лето ќе можат да застанат зад славниот балкон, на кој британското кралско семејство често позира. Првпат досега, за јавност ќе биде отворено источното крило на палатата, каде што се наоѓа и Централната соба, од која се излегува на балконот.

По пет години реновирање, источното крило е внимателно обновено и од следната недела ќе може да прима туристи. Оттука, тие ќе имаат поглед од перспективата на кралот, кралицата, принцот Вилијам и принцезата Кејт.

Во Централната соба ќе може да се влезе за првпат откако била изградена пред 175 години

Сепак, на самиот балкон нема да може да се излезе и посетителите можеби ќе бидат изненадени од неговите димензии. Тој е изненадувачки тесен, а оградата е под висината на половината, што кај некои би можело да предизвика паника.

„Балконот првпат бил користен во 1851 година за отпоздравување на трупите од Кримската војна, што значи дека е во употреба доста долго“, изјави кураторката за декоративни уметности во Кралската колекција, Никола Тарнер Инман.

Во Централната соба, украсена во кинески стил, ќе може да се влезе за првпат откако била изградена пред 175 години.

За да се види сето ова, посетителите ќе треба да платат влезница од 75 фунти (95 долари).

(Фото: Гети)