СОПСТВЕНИКОТ НА „ЛУЈ ВИТОН“ ЌЕ ПРОИЗВЕДУВА СРЕДСТВА ЗА ДЕЗИНФЕКЦИЈА НА РАЦЕ И ЌЕ ГИ ДОНИРА

Париз, (Би-Би-Си)

„ЛВМХ“, француската групација која го поседува брендот „Луј Витон“, објави дека ќе ги искористи своите погони за производство на парфеми за да почне да прави производи за дезинфекција на раце, со цел да ја помогне борбата против коронавирусот.

Компанијата кажа дека на овој начин сака да помогне да се пополнат националните залихи на средства за лична дезинфекција откако во Франција се појави недостиг од нив.

„Тие бесплатно ќе им бидат доставени на здравствените власти“, соопшти „ЛВМХ“.

Во Франција досега има 120 починати од коронавирусот.

„‘ЛВМХ‘ ќе ги искористи погоните за производство на парфеми и козметика за да произведе големо количество на хидроалкохолни гелови“, кажаа од компанијата.

„ЛВМХ“ е француски конгломерат за луксузни добра, во чија сопственост се голем број светски познати брендови, како „Диор“, „Живанши“, „Моет“, „Таг хојер“ и „Булгари“.