СТОТИНА ТИКВИ СЕ ИЗРЕЗБАА НА КУЛИНАРСКИ НАТПРЕВАР ВО СТРУМИЦА

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Стотина тикви се изрезбаа и декорираа на вториот интернационален гастрономски натпревар во Струмица и учесниците создадоа вистински ремек-дела. Освен тикви, се резбаа и лубеници, дињи и модри патлиџани. 

Карвингот како кулинарска дисциплина не е многу развиен во земјава, но на светско ниво, готвачите ставаат голем акцент на овој сегмент, со цел маси и јадења да изгледаат атрактивно.

Во Македонија има само четири-пет мајстори за карвинг, кои изработуваат дела од тикви, лубеници и дињи.

Во Македонија, резбање на овошје и зеленчук за декорирање на маса чини минимум 150 евра (Фото: В. Трајков)

Снежана Веланова од Неготино изработи десетина експонати. Таа тврди дека треба да се посвети внимание на овaа уникатна техника, која за македонски простори и понaтаму е луксуз, бидејќи резбање на овошје и зеленчук за декорирање на маса чини минимум 150 евра.

Недостигаат мајстори во земјава за да направиме здружение, со цел овој наш занает да го пренесеме на младите готвачи. Во Србија многу млади се занимаваат со карвингот, исто и во Бугарија, но во Македонија нема организација за настани и натпревари од ваков тип“, кажа Снежана, која со оваа дисциплина се занимава десет години, а го има учено од Интернет.

За разлика од Македонија, карвингот е доста развиен во Србија и Бугарија (Фото: В. Трајков)

Таа во Струмица освои златен медал за својата декорација балкански мозаик.

Според неа, потребно е трпение за оваа техника, бидејќи за да се изработи одреден експонат, потребни се неколку часа.

В. ТРАЈКОВ