Филмски и театарски ѕвезди вечерва на црвениот килим на британските награди БАФТА во Лондон се појавија во креации што веќе ги носеле. Познатите личности кои дојдоа во „Ројал Алберт хол“ го испочитуваа кодексот на облекување што го препорачаа организаторите: да размислат за тоа да носат облека која веќе еднаш ја носеле или, пак, да изберат друга еколошка варијанта.
„Еколошката одржливост е од големо значење за БАФТА и годинава одиме чекор напред. Целта ни е наградите на Британската филмска академија да бидат јаглеродно неутрални и со тоа да имаме позитивно влијание врз околината. Од превозот до храната, па и рекламите и материјалот, годинашните БАФТА награди се еколошки одржливи колку што можат да бидат“, изјави портпаролот на БАФТА за „Харперс базар“.