ВЕНЧАНИЦАТА НА ПРИНЦЕЗАТА ДИЈАНА ПОВТОРНО НАПРАВЕНА ЗА СЕРИЈАТА „КРУНА“

Лондон, (Индипендент)

Дизајнерите на невестинскиот фустан на принцезата Дијана за свадбата со принцот Чарлс во 1981, Дејвид и Елизабета Емануел, им ги дале скиците на креаторите на популарната серија „Круна“ во продукција на „Нетфликс“.

Ема Корин, која ја игра Дијана во претстојната четврта сезона, во интервјуто за „Вог“ вели дека костимографите успеале да направат веродостојна копија на венчаницата.

„Целиот тим буквално занеме кога ја снимавме сцената кога Дијана за првпат се појавува во венчаницата. Снимавме во Ланкастер Хаус во Лондон и тим од 10 лица ми помагаше да ја облечам, оти е масивна. Кога влегов на сетов, сите занемеа. Тој фустан е повеќе од сѐ што носам во серијата, тој фустан е Дијана“, изјави глумицата.