130 МАКЕДОНСКИ КУЛТУРНИ РАБОТНИЦИ ДЕЛ ОД ГЛОБАЛНАТА АКЦИЈА НА ФРАНЦУСКИОТ УМЕТНИК ЖИ-АР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Црно-бели портрети на уметници, културни работници и креатори на културната политика се поставени на фасадите на згради на улицата Рузвелтова во Скопје како дел од настанот „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“.

Станува збор за локална активност од глобалната платформа „Инсајд аут“, со цел да пренесе неискажани ставови на домашните културни дејци.

„Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ во Скопје го иницираа Весела Моловска и Марија Коробар, кои приклучија 130 личности од македонската култура на веќе портретираните 400.000 лица од 138 земји на платформата на францускиот уметник Жи-Ар, познат по монументални фотографски колажи.

„Акцијата порачува дека ако не ги поддржиме уметниците, ќе продолжиме да го жртвуваме креативното и инспиративното на олтарот на прозаичната политичка реалност со сѐ поограничени можности. Во работата на уметниците предолго се чувствува одекот на ставот на општеството: Овде е бесмислено да се вложува во култура. Како доказ за тоа се користи и малубројната публика која ги следи случувањата од областа на културата и уметноста“, вели Максим Ристевски, член на тимот.