3.200 ГОДИНИ СТАР МУРАЛ ПОСВЕТЕН НА БОГ ПАЈАК ОТКРИЕН ВО ПЕРУ

Лима, (Гардијан)

Археолозите во северен Перу идентификуваа 3.200 години стар мурал насликан на древен храм, за кој се верува дека прикажува зооморфен бог пајак кој држи нож, што се поврзува со дожд и плодност.

Муралот е насликан со окер, жолта, бела и сива боја на ѕид од структура направена од кал и бил откриен минатата година, откако локалитетот речиси бил уништен од локални фармери, кои расчистувале терен за нови насади на авокадо и шеќерна трска.

(Фото: Твитер)

Експертите веруваат дека храмот бил изграден од предколумбиската култура Куписнике, што се развила долж северното крајбрежје на Перу пред повеќе од 3.000 години. Поради близината на реката, археолозите веруваат дека храмот бил посветен на водени божества.

„Пајакот се поврзува со водата и бил мошне важно животно во претхиспанските култури, кои живееле според церемонијален календар“, изјави археологот Регуло Франко Хордан.