НЕПАЛ ЌЕ ПРАВИ УМЕТНОСТ ОД ЃУБРЕТО СОБРАНО НА МОНТ ЕВЕРЕСТ

Катманду, (ДПА)

Организациите за заштита на природата од Непал градат музеј во кој уметничките дела ќе бидат изработени од ѓубрето собрано на Монт Еверест. Целта на оваа иницијатива е да се подигне свеста за потребата од еколошка заштита на највисокиот врв на светот.

„Идејата е од метален отпад и од отпад што не може да се рециклира да се изработат скулптури и уметнички и дизајнерски производи“, вели Фињо Шерпа, шефот на Хималајскиот музеj, што се наоѓа на патот за базниот камп на Еверест.

Се очекува музејот да биде готов до крајот на 2021. Ќе соработува со локални и странски уметници, кои ќе треба да го претворат ѓубрето во уметност.

„Наша главна цел е меѓу локалните жители и туристите да ја подигнеме свеста за зголеменото загадување на Еверест“, додаде Шерпа.

Непалската армија проценува дека во регионот на Монт Еверест има 140 тони материјал, 40 тони човечки отпад и над 300 тела на планинари.