АКТЕРИ, МУЗИЧАРИ И СПОРТИСТИ ЌЕ БИДАТ МОДЕЛИ НА „БЕРБЕР ШОУ“ ЗА МЕСЕЦОТ НА МАШКОТО ЗДРАВЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 12 ноември на приземјето во „Сити мол“, неколкумина познати актери, спортисти и музичари ќе учествуваат во „Бербер шоу“, со што ќе се одбележи „Моември“ – месецот на машкото здравје. Настанот ќе трае од 12 до 17 часот и е во организација на Фризерската секција на Скопје при Занаетчиската комора и „Скопје Сити мол“.

Водители се актерите Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски. На сцената ќе бидат поставени четири берберски столици. Повеќе од 50 бербери од Македонија, вклучувајќи и неколку берберки, ќе им ги стилизираат мустаќите и брадите на повеќемина машки модели.

Меѓу нив ќе бидат актерите Игор Ангелов и Дритон Вејсели, Владимир Блажев-Панчо од групата „ДНК“ и пливачот Мартин Стефановски. На настанот учествуваат и учениците од средните стручни училишта „Димитар Влахов“ и „Шаип Јусуф“ од Скопје, членовите на Веспа клубот „Весписти Скопје“ и мотоциклистите од Христијанска мото асоцијација – ЦМА Македонија.