АМСТЕРДАМ НЕ МОЖЕ ДА НАЈДЕ ЛОКАЦИЈА ЗА ЕРОТСКИОТ ЦЕНТАР ШТО ЌЕ ЈА ЗАМЕНИ ЗОНАТА НА ЦРВЕНИТЕ ФЕНЕРИ

Амстердам, (Гардијан)

Повеќекатен еротски центар во Амстердам, кој треба да ја замени зоната на црвените фенери, се соочи со голем проблем: никој не го сака во своето соседство.

Минатата година, градоначалничката Фемке Халсема и градскиот совет предложија план за преселба на сексуалните работнички од центарот, при што беше ангажиран архитект да дизајнира модерна зграда со 100 соби, барови, ресторани, простори за забава и здравствен центар. Притоа беа објавени осум можни локации каде би се градела.

Освен локалните жители, се побунија и самите сексуални работнички, кои не сакаат да ги напуштат прозорците во еден од најубавите делови на градот. Халсема пронајде три нови можни локации за центарот и очекува една од нив да биде избрана до крајот на годината.

„Верувам дека е можно да се создаде еротски центар кој ќе има одредена класа и нема да биде место каде што ќе се собираат само ситни криминалци и најранливите жени. Исто така сум свесна дека многумина ја поврзуваат проституцијата со криминалот, па во најголем дел населби, луѓето не прифаќаат еден ваков центар со ентузијазам“, вели Халсема.

Се проценува дека околу 200.000 луѓе годишно ги користат услугите на сексуалните работнички во Амстердам.

„Зоната на црвените фенери е еден од најстарите и најмали делови на градот и моментално е преплавен со ергенски забави и туристи кои ги вознемируваат сексуалните работнички“, вели Илана Родеркерк, лидерката на партијата Д66.

Халсема тврди дека градот нема да плати ништо за еротскиот центар, туку тоа била приватна иницијатива.

(Фото: Г. Конев)