АМСТЕРДАМ СО ЦВЕЌИЊА ЌЕ ЈА ПОДОБРУВА БЕЗБЕДНОСТА НА ПЕШАЦИТЕ

Амстердам, (Гардијан)

Амстердам се гордее со тоа што е еден од највелосипедските градови на светот, но дури и тој има свои граници.

Градските власти се пожалија дека многубројните врзани велосипеди на мостовите не само што го нагрдуваат погледот на некои од најубавите канали во градот, туку и не им оставаат доволно простор на пешаците. Затоа тие решија да постават корпи со цвеќиња и други растенија на мостовите, во обид да ги натераат жителите да си ги паркираат велосипедите на некое друго место.

Поради преголемиот број велосипеди на мостовите, пешаците имаат недоволно простор на и онака тесните тротоари. Тоа создава небезбедни ситуации. Корпите со цвеќиња исто така ќе им дадат поубав изглед на улиците“, кажа заменик градоначалничката Шерон Дајксма.

Амстердам има повеќе велосипеди од луѓе, како и 767 километри велосипедски патеки. Околу 58% жители постари од 12 години користат велосипед барем еднаш на ден.