АНДОН МАЈХОШЕВ ОБЈАВИ КНИГА ЗА РАСТОТ И ПАДОТ НА ШТИПСКИТЕ МЕДИУМИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Од печат излезе книгата „Медиумите во Штип“ од поранешниот прв штипски синдикалец, а денес професор на Правниот факултет во Штип, Андон Мајхошев. Тој прави анализа на растот и падот на штипските медиуми и дава времепловски осврт на новинарството во Штип.

„Идејата беше на едно место да ги има сите штипски медиуми од 1945 до денес, што значи истражував период од осум децении, почнувајќи од фабричкото новинарство. Дојдов до сознание дека Штип имал развиен информативен систем и богата медиумска историја“, вели Мајхошев.

Книгата опфаќа околу 50 медиуми. Некои се заборавени, а за некои и првпат ќе се слушне. Опфатени се сите медиумски работници во Штип, сите новинари и актери кои биле вклучени во развојот на медиумската сфера.

„Истражувањата ги правев речиси две години и во тој процес многу ми помогнаа постојните новинари и медиумски работници со нивни сеќавања, па книгата на еден начин им ја посветувам на нив“, вели Мајхошев, кој планира промоција за време на претстојното Штипско културно лето.

Мајхошев досега напишал девет книги, четири учебни помагала и 80 научни трудови.

Т. ЈОВАНОВСКИ