„АРАМКО“ СТАНА ПРВА КОМПАНИЈА ВО ИСТОРИЈАТА СО ВРЕДНОСТ ОД ДВА ТРИЛИОНА ДОЛАРИ

Ријад, (Гардијан)

Саудиската нафтена компанија „Арамко“ достигна пазарна вредност од два трилиона долари, ден откако нејзините акции првпат се појавија на берза.

„Арамко“ стана највредната компанија во историјата кога на вчерашното деби на берзите беше проценета на 1,87 трилиони долари, што во меѓувреме порасна за уште десет отсто. Таа го остави „Епл“ далеку на второто место со вредноста од 1,19 трилиони долари, иако само 1,5% од акциите на „Арамко“ биле продадени на инвеститори, исклучиво од Саудиска Арабија и Блиски Исток.

Следни на листата највредни компании се „Мајкрософт“, „Алфабет“, „Амазон“ и „Фејсбук“.

„Арамко“, која е во државна сопственост, е најголемиот светски производител на фосилни горива. Таа остварила профит од 46,9 милијарди долари во првите шест месеци од оваа година, што е повеќе од следните шест најголеми нафтени компании заедно.