Атина е најтоплата престолнина во Европа и нејзиниот градоначалник Костас Бакојанис е решен да спроведе зелена регенерација пред да биде доцна.

По децении несовесно урбано планирање и неконтролирано градење, што почна во 1950-ите, Атина денес е загаден град, со густо набиени населби и сообраќаен метеж. Во услови честопати споредувани со шпорет, температурите во лето надминуваат 40 Целзиусови степени.

Она со што се соочуваме сега не е климатска криза, туку климатска вонредна состојба. Ако сакаме добро да си ја завршиме работата, мора да се придржуваме до принципите на еластичност и одржливост“, вели Бакојанис.

Во градот никнуваат сè повеќе џебни паркови (Фото: Шатерсток)

Во таа насока, градот четирикратно го зголеми буџетот за зелени површини, а секоја година, 10 милиони евра се наменети за зачувување на природата. Преку јавно-приватно партнерство, Бакојанис предводи голем проект на регенерација, во кој стар стадион во срцето на Атина ќе биде претворен во парк, а индустриски депонии во посиромашните западни предградија ќе бидат зазеленети.

Градот исто така замени некои коловозни ленти со пешачки и велосипедски, се обновуваат ридовите на Атина, фонтани и плоштади и се создаваат џебни паркови. Сите овие проекти имаат една цел: да се надминат предизвиците со кои градот ќе се соочи поради очекуваниот пораст на температурите во иднина. Анализите покажуваат дека температурата на плоштадот Омонија се намалила за четири степени откако беше инсталирана нова голема фонтана.

Атина се издвојува како град кој во Европа ќе ги почувствува најтешките последици на климатските промени до 2050 година.