ЌЕ ЗБОРАМ СО НЕГО – МАЈКА МУ НА РОНАЛДО ГО НАГОВАРА ДА СЕ ВРАТИ ВО СПОРТИНГ

Лисабон, (Гардијан)

Малкумина можат да му кажат на Кристијано Роналдо што да прави, но неговата мајка Долорес Авеиро го наговара ова лето да се врати во клубот од своето детство, Спортинг Лисабон, кој пред неколку дена ја освои првата шампионска титула во Португалија по 19 години пауза.

Иако Роналдо оваа сезона ја исполни својата голгетерска квота и во средата го постигна 100. гол во Серија А, за Јувентус таа беше разочарувачка и дури би можел да остане без пласман во Лигата на шампионите.

Прославувајќи ја титулата на Спортинг, Авеиро кажа дека ќе се обиде да го убеди својот син да се врати во клубот од кој замина во Манчестер јунајтед како 18-годишник.

„Ќе зборам со Роналдо да се врати. Следната сезона тој ќе игра на ‘Алваладе‘“, самоуверено изјави Авеиро, алудирајќи на стадионот на Спортинг.

Сега веќе 36-годишен, Роналдо има уште една сезона од договорот со Јувентус и се шпекулира дека би можел да замине. Неговиот менаџер Жорж Мендеш вели дека враќањето во Португалија, сепак, не е опција.