АВСТРИСКАТА ВЛАДА ВОВЕДЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ПОПРАВКА НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ УРЕДИ

Виена, (Би-Би-Си)

Австриската влада лансираше шема со која се субвенционира поправката на електронските уреди со сума до 200 евра. Место да ги фрлат своите стари електронски уреди, како лаптопи, мобилни телефони и машини за перење, владата преку „Бонусот за поправка“ сака да ги охрабри граѓаните да ги поправат.

Имам стар лаптоп и би сакал да го поправам, место да купам нов. Благодарение на новата шема, ќе платам само 50% од цената на поправката. На овој начин го поправив и стариот цеде плеер, кој сега повторно работи добро“, вели Ерик.

Заинтересираните треба да преземат ваучер од владин сајт и прво ја плаќаат полната сума за поправката во сервисот, а по три-четири недели им се враќа половина од трошоците.

И додека оваа владина иницијатива важи само за електронските уреди, градските власти на Виена воведоа шема со која им помагаат на своите жители да платат за поправка на стара облека, велосипед или мебел.