АВТОСАЕМОТ ВО ЖЕНЕВА НЕМА ДА СЕ ОДРЖИ И ДОГОДИНА И ЌЕ БИДЕ ПРОДАДЕН

Женева, (Би-Би-Си)

Организаторите на престижниот Автосаем во Женева објавија дека настанот нема да се одржи ни следната година и дека планираат да го продадат.

Откако оваа година беше откажан во последен момент поради коронавирусот, следното издание беше закажано за март 2021, но компанијата која стои зад него вели дека се соочуваат со слаба заинтересираност кај автобрендови и изложувачи.

„Автомобилскиот сектор моментално поминува низ тешка фаза и на изложувачите им треба време за да се повратат од ефектите на пандемијата“, изјавија организаторите на Автосаемот.

Мнозинството од анкетираните компании кажале дека веројатно нема да учествуваат на саемот следната година.

Автосаемот во Женева традиционално привлекува половина милион посетители и е најголемиот јавен настан во Швајцарија, донесувајќи приход од над 200 милиони долари годишно.