БАНКСИ ИЗВЕДЕ ПЕРФОРМАНС НА ГЛАСТОНБЕРИ СО ЧАМЕЦ НА НАДУВУВАЊЕ ПОЛН СО „МИГРАНТИ“

Лондон, (Би-Би-Си)

Банкси потврди дека стои зад перформансот на фестивалот Гластонбери, кој вклучи чамец на надувување исполнет со кукли кои алудираа на мигранти. Чамецот беше кренат над главите на илјадниците посетители за време на концертот на британскиот рок бенд „Ајдлс“, при што многумина помислиле дека тоа е дел од настапот.

Сепак, мистериозниот британски уметник објави видео од изведбата на својот профил на Инстаграм, како што вообичаено ги потврдува своите креации. Портпаролот на „Ајдлс“ изјави дека тие не биле свесни за изведбата сѐ до завршувањето на концертот.

За време на песна чиј текст силно ги критикува десничарските имиграциски политики, во публиката се појави чамец носен од рацете на присутните. Се верува дека тој симболизираше мали пловила со какви што мигрантите се обидуваат да го поминат каналот Ла Манш со цел да стигнат до Велика Британија, што често завршува фатално.

Ова не е прво појавување на Банкси на Гластонбери. Во 2019, раперот Стормзи носеше панцир со британско знаме дизајниран од Банкси.

(Фото: Икс)