Дејвид Бекам го отстапи својот профил на Инстаграм на украинска лекарка која работи во Харкив, град кој се наоѓа на првата линија на фронтот и редовно е изложен на руски бомбардирања.
Профилот на Бекам вчера беше исполнет со фотографии и видеа во чиј фокус беше работата на детскиот анестезиолог и шефица на регионалниот перинатален центар Ирина среде воениот конфликт.
„Работиме 24/7, не сме излегле од болницата. Веројатно ги ризикуваме нашите животи, но воопшто не мислиме на тоа. Си ја сакаме работата. Лекарите и медицинските сестри овдека плачат, се грижат, но никој нема да се откаже“, вели Ирина.
Таа на 71,5 милиони следбеници на Бекам на Инстаграм им го покажа тесниот подрум каде што биле евакуирани сите трудници и нови мајки на првиот ден на руската инвазија. Објави и фотографии од новороденчиња на одделението за интензивна нега, кои се приклучени на апарати и затоа не можеле да бидат префрлени во подрумот.