ПАТ ОКОЛУ СВЕТОТ ЗА 245 ДЕНА – ОД ЛОНДОН ТРГНУВА КРСТОСУВАЊЕ ЗА ГИНИС, НО САМО ЗА ОНИЕ СО ДЛАБОК ЏЕБ

Лондон, (Гардијан)

Најдолгото непрекинато патување со крузер ќе тргне викендов од Лондон во обид да постави нов Гинисов рекорд.

Во организација на „Viking Ocean Cruises“, тоа ќе трае 245 дена и притоа ќе посети шест континенти и 51 држава и ќе застане во 112 пристаништа. Наречено „ултимативно патување околу светот“, за него се потребни и длабок џеб и многу слободно време, имајќи предвид дека цената на билетот се движи од 66.990 до 194.390 фунти.

Можам само да замислам какви луѓе ќе можат да си дозволат вакво нешто. Друштвото на крузерот ќе биде мешавина од милионери, победници на лотарија и луѓе со огромна заштеда“, вели Кили Роџерс, уредничка на британскиот магазин „Круз“.

Гостите ќе имаат на располагање и зимска градина (Фото: Viking Ocean Cruises)

На осуммесечната одисеја ќе се истражуваат Скандинавија, Кариби, Јужна Америка, јужен Пацифик, Австралија и Азија, пред враќањето во Европа преку Медитеранот. Тоа вклучува и ноќевања на копно во градови како Рио де Жанеиро во Бразил, Ушуаја во Аргентина, Хобарт во Тасманија, Хо Ши Мин во Виетнам, Мумбај во Индија и Луксор во Египет.

Скандинавска бања во „Викинг сан“ (Фото: Viking Ocean Cruises)

Крузерот „Викинг сан“ ќе може да прими 930 гости во своите 465 соби, сите со приватна тераса, но само 54 патници имаат уплатено за целото патување од 245 денови. На располагање на гостите ќе бидат осум ресторани со 245 различни менија, два базена, спа и зимска градина.