Танцовите уметници и педагози Ивана Коцевска, Христина Ангеловска и Валентино Апостоловски во текот на мај и јуни ќе држат интерактивни часови по танц со користење на дигитални платформи, на кои бесплатно можат да се приклучат сите заинтересирани.

Проектот Култренинг досега како редовна активност се организираше во Кино Култура, но поради ситуацијата со коронавирусот, продолжи онлајн да се спроведува.

„Сите заинтересирани ќе можат да учествуваат и да ги посетуваат интерактивните часови бесплатно секој понеделник, среда и петок од 19 часот. Тројцата танцови уметници и педагози работат на свој специфичен начин за достигнување флуидност, координација и форма на телото на заинтересираните учесници“, велат од здружението Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.